Пелагониски регион

Помалите пелагониски фармери на мирен предупредувачки протест

07.04.2023 13:14

Поради неисплатените субвенции за минатата и трите месеци од тековнава година помалите пелагониски фармери излегоа на мирен предупредувачки протест. Стравуваат и од најавата за укинување на субвенциите од следната година за новородено теле. Велат во четири села за еден месец се продадени 1.200 грла крави што дополнително го намали сточниот фонд и дневното производство на сирово млеко...

Неисплатените субвенции за минатата и првите три месеци од оваа година за предаденото млеко е само една од неколкуте причини за кои помалите пелагониски сточари излегоа на мирен предупредувачки протест пред битолската единица на ресорното министерство.

Без овие средства тешко дека ќе ги посееме пролетните култури кој ни обезбедуваат одредени количини од потребната храна за стоката. Од поодамна ветеното од министерот не само што не се исполни, туку велат дека стравуваат од најавите за политиката на субвенционирање на помладокот.

Од замрзнувањето на цените на млечните производи немаме фајде. Напротив се очекува откупната цена на млекото која за помалите сточари е 32 денари да се намали за два денари. За нас е битно да се замрзнат цените на ѓубривата и репроматеријалите доколку не сакаме и понатаму да се ситни и така намалениот сточен фонд велат сточарите.

Доколку до крајот на месецов не бидат целосно исплатени побарувањата за субвенциите најавија порадикални протести и блокирање на главни сообраќајници. Од подрачната единица на министерството не добивме одговор бидејќи раководителот бил на службен пат.

 

 

Стевче Митревски