Куманово

Во Куманово продолжен бесплатниот превоз, но анализа нема

07.04.2023 13:31

Во Куманово за дополнителни три месеци или за 15 милиони денари, е продолжен бесплатниот градски превоз. Одлуката сега ќе важи до крајот на септември. Советниците ја изгласаа поволноста, но дел и забележаа дека доцни анализата за оправданоста на субвенционирањето. Бесплатниот превоз воведен од почетокот на годината, е со цел да им се олесни на граѓаните во економската криза...

До крајот на септември бесплатен автобуски превоз во Куманово. Советот одлучи субвенционирањето да продолжи за уште три месеци. На превозниците ќе им се исплатат уште 15 милиони денари. За првите шест месеци од општинскиот буџет за оваа намена беа одвоени 500.000 евра. На постојките и во автобусите, може да се забележи дека поголем број граѓани го користат јавниот превоз.

„Добра одлука е, почесто го користам превозот, олеснување е во ова тешко време“, истакна еден кумановец.

„Го користат пензионерите само кои шетаат, треба патиштата да се направат, канализација“, вели друг жител.

„Има интерес, доаѓаме од населбите за лекови и го користиме“, вели друга кумановка.

Советниците од опозицијата во кумановскиот Совет беа против предлогот, укажувајќи дека не се направени анализите за придобивките од мерката во првите три месеци. Власта одговори дека одлуката се носи поради ребалансот на буџетот.

„Во фаза е постапка за изработување на конечни резултати од тоа колку граѓаните се задоволни од автобускиот превоз, кои се аномалиите на превозот“, истакна градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Во Куманово бесплатниот градски превоз започна да се користи од почетокот на годината. Целта е да им се олесни на граѓаните во економска криза.

 

Елена Георгиевска