Руско - украински конфликт

Чавушоглу: Само правичен мир, може да стави крај на оваа војна

07.04.2023 14:34

Шефот на руската дипломатијата лавров во Анкара на разговори со неговиот турски колега Чавушоглу. Во фокусот на разговорите, Украина. А таму, жестоки битки. Киев и Москва тврдат дека се во офанзива. „Њујорк Тајмс“ објави тајни документи со детали за плановите на САД и НАТО за помош на Украина за пролетната офанзива...

Турција загрижена за можна ескалација на конфликтот меѓу Украина и Русија. Шефот на турската дипломатија, Чавушоглу, кој е домаќин на средбата со неговиот руски колега Лавров во Анкара, истакна дека само правичен мир може да стави крај на војната.

„Ќе продолжиме со нашите напори во пролетните месеци кога се очекува потенцијална ескалација за која сме загрижени. Турција секогаш велеше и ќе продолжи да кажува дека во оваа војна нема победници и губитници. Само правичен мир, може да стави крај на оваа војна“, изјави Мевлут Чавушоглу, министер за надворешни работи на Турција.

За возврат, Лавров ја критикуваше реториката на западот дека непријателствата во Украина, не треба да се прекинат како „бескрупулозни“.

„Наспроти заднината на изјавите што се даваат во Киев, Вашингтон и Брисел дека во никој случај не треба да се прекине војната или да се почнат преговори, ние, дефинитивно, разбираме дека сите овие практики се прилично бескрупулозни“, изјави рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.

На средбата беше разговарано и за продолжување на договорот за жито и бариерите со кои Русија се соочува.

На терен, двете страни во офанзива. Москва известува за смртоносни напади во Доњецк. Во Херсон, пак, нападната база од руската авијација. Најголеми битки и натаму се водат за Бахмут.

„Слушам свиреж од ракета, доаѓа оддалеку, а потоа следната удира силно. Сè се отвора, паѓа, се руши. Куќата ни е оштетена, а татко ми е повреден“, вели Андриј, жител на Бахмут.

Британското разузнавање соопшти дека е многу веројатно руските сили да влегле во центарот на градот и го окупирале западниот брег на реката Бахмутка. Украина тврди дека сè уште ја имаат контролата и дека русите скапо ги плаќаат напорите за успех. За Путин, потребно е украинските сили да се туркаат назад за да се запрат нивните напади.

„Нашата цел е да ги вратиме на растојание од кое нема да можат да ни нанесат штета“, рече рускиот претседател, Владимир Путин.

Киев, пак, најавува нова голема офанзива, но не открива детали. По борбените авиони од Полска, Зеленски доби нови ветувања од Варшава за воена и економска соработка.

„Оружје, муниција и нови одбранбени системи за Украина, и благодарам на Полска“, рече украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Во меѓувреме, „Њујорк Тајмс“ објави дека тајни документи со детали за плановите на САД и НАТО да помогнат во подготовката на Украина за пролетната офанзива против Русија, се објавени на платформи на социјалните мрежи. Пентагон го проценува пријавеното нарушување на безбедноста.

 

Бојана Крстевски