Меѓународен ден на Ромите

Ковачевски: Државата ќе продолжи да инвестираво во процесот на развој на ромската заедница

07.04.2023 15:01

Премиерот и министрите се собраа во Владата да ги слушнат проблемите на Ромите. Во извештајот на Европската комисија, се наведува дека голем дел од Ромите немаат пристап до образование и дека надлежните институции не презеле доволно мерки за да се спречи тоа и да ги вратат оние, кои прекинале да се образуваат. Од Владата порака - продолжуваме да вложуваме во политики и мерки кои го унапредуваат животот на ромската заедница...

Поради нискиот степен на образование, лошата здравствена состојба и проблемите со домување ромското население живее во длабока сиромаштија. Земјите не смеат да дозволат да го изгубат нивниот потенцијал и нивниот придонес – порака на Меѓународниот ден на Ромите, 8-ми април.

Презентирајќи го сработеното од стратегијата за Роми, премиерот Ковачевски пак посочи дека државата ќе продолжи да инвестира во образованието, вработувањето и домувањето, како и во процесот за развој на ромската заедница.

Евроамбасадорот Гир пак, смета дека имаме многу предизвици кои мора да се надминат. Потенцираше дека на улиците сè уште има Роми кои питаат, не одат на училиште, немаат документи или рано склучуваат бракови, а земјите кои сакаат да бидат дел од ЕУ треба и мора да го почитуваат принципот на еднакви можности. За министерката Тренчевска најголем предизвик се неевидентираните лица во матичната книга на родени. Се подготвува нов закон

Според податоците на Советот на Европа, на најстариот континет живеат од 10 до 14 милиони Роми, најголем дел од нив во централна и источна Европа.

 

Викторија Милевска