Договорот за културна соработка нуди можности за развој и континуитет во односите со Турција
Двајцата министри, изразувајќи го задоволството од досегашната соработка, изразија подготвеност таа да продолжи преку реализација на уште многу нови иницијативи и проекти...

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска оствари билатерална средба со својот турски колега, министерот за култура и туризам, Мехмет Нури Ерсој.
Во фокусот на средбата, како што соопштуваат од Министерството за култура, беше новиот Договор за културна соработка меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Турција, кој од името на двете влади го потпишаа министрите Костадиновска-Стојчевска и Ерсој.
„Билатералните односи меѓу Северна Македонија и Турција се одвиваат во духот на традиционалното пријателство и партнерство и во таа смисла, Договорот кој денеска го потпишавме со сигурност ќе ги продлабочи и онака добрите културни врски меѓу институциите од двете држави, ќе ја стимулира размената на авторите, репродуктивните уметници и ансамблите, ќе го поттикне користењето на ресурсите што се поседуваат, ќе го зајцврсти партнерскиот однос на институциите од државите и нивната соработка со меѓународните организации“, истакна министерката Костадиновска-Стојчевска.
Двајцата министри, изразувајќи го задоволството од досегашната соработка, изразија подготвеност таа да продолжи преку реализација на уште многу нови иницијативи и проекти со кои ќе се интензивира соработката во делот на културата.
