На Мијалков му застаре делото за „Титаник 2“
На поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков му застаре уште едно дело, предметот „Титаник 2“ за изборни нерегуларности. Мијалков беше обвинет за четири дела. Во затвор е само за „Империја“ …

На поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков му застаре уште едно дело. Станува збор за предметот „Титаник 2“ за изборни нерегуларности сторени на локалните избори во 2013-та година, дело за кое Мијалков беше обвинет токму на денешен ден пред десет години.
Мијалков за ова дело се гонеше и првостепено беше осуден на две години затвор во случајот „Титаник 2“, кој се однесува на договарање за гласање за приговори во корист на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори во 2013-та година во Струмица, кои биле поднесени во ДИК.
Предметот двапати се враќаше на повторно судење. Кривичен на 8-ми март 2019-та на обвинетите во „Титаник 2“ им изрече вкупно 19 години и осум месеци казна затвор, но Апелација во ноември истата година, поради суштествени повреди на постапката, ја укина првостепената пресуда и случајот го врати на повторно одлучување.
На 13-ти април во Апелација треба да се одржи јавна седница за „Титаник 2“.
Мијалков е обвинет од СЈО за четири предмети. За „Таргет-Тврдина“ и „Трезор“ му се суди вторпат, откако Апелација ги поништи пресудите со највисоки казни што му беа изречени. Пред две недели ја потврди и ослободителната пресуда за „Тортура“, откако претходно ја донесе Кривичниот суд.
Екс-директорот на УБК единствено издржува затворска казна за случајот „Империја“ во затворот во Струга. Во договор со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, тој призна вина и беше осуден на три години затвор, како и конфискација на имот во вредност од 30 милиони евра.
Марија Котовска
