Шар Планина

Ерозивните процеси кон местото Бањиче ризик за возачите и пешаците

08.04.2023 11:29

Ерозивните процеси кон рекреативното место Бањиче на Шар Планина повторно се активираа, но сега долж целиот патен правец. Оваа единствена рекреативна зона за тетовци ризична и за пешаците и за возачите. Општината вели дека се прават анализи за изнаоѓање на долгорочно решавање на овој проблем...

Тетовецот Гајур Љума два пати во денот пешачи до рекреативното место Бањиче, оддалечено неколку километри од Тетово.

Рекреацијата покрај реката Пена и низ Шара е вистинско задоволство, но честите одрони од карпи, камења и земја кои се спуштаат на патот е голем ризик за пешаците, но и за возачите.

Општината да преземе што поскоро мерки, бидејќи ова е единствениот предел каде тетовци можат да здивнат од урбаниот хаос во градот, додава Љума.

„Тука секој викенд има полно луѓе, пешачат, единствено место каде излегуваме во природа и тоа треба да го зачуваме. Јас до Бањиче одам секој ден наутро и попладне, одам два пати на ден, летно време пешачам се враќам дома се туширам и одам на работа, жално е да не искористи оваа природа, ова е единственото место каде што можеме да дишеме слободно“, рече Гајур Љума, жител на Тетово.

Властите не преземаат доволно мерки за зачувување на планината, но и свеста на народот е на многу ниско ниво. Ѓубре фрлаат каде ќе стигнат.

„Гледате како одите надолу ќе видите како се фрлаат отпадоци, камиони горе фрлаат смет, се обиделе да преземат мерки, но историјата продолжува и по реката има отпадоци, се е до свеста на народот, не е до општината или до државата“, рече Гајур Љума, жител на Тетово.

Градоначалникот Касами, вели дека се прават анализи за изнаоѓање на долгорочно решение на овој проблем.

„Решенијата и размислувањата се во делот на градење на потпорни ѕидови или пак со зеленило соодветно да може да се стабилизира земјата за да нема одрони во иднина“, изјави Биљал Касами, градоначалник на Општина Тетово.

Од претходната локална самоуправа на крајот од мандатот на најризичните места направија каскадни системи, но овој проект не придонесе за стабилизација на земјиштето.

 

Зоран Димовски