Израел

Нетанјаху нареди мобилизација на полицијата и армијата поради нападот во Тел Авив

08.04.2023 12:46

Во напади на Западниот Брег во Израел убиени три лица. Меѓу нив турист од Италија. Претходно Израел го бомбардираше Либан по ракетниот истрел за кој армијата ги обвини палестинските милитанти...

Полицијата во Тел Авив застрела напаѓач, кој пукал во луѓе и удрил со автомобил во пешаци. Еден загинал, а неколкумина се повредени во инцидентот. Тројца од нив, меѓу кои и 17-годишник, се полесно повредени. Во нападот загинал италијански турист. Напаѓачот е државјанин на Израел, но со арапско потекло.

„Кога пристигнавме на местото на настанот, забележавме осум лица како лежат. Еден од нив, 30-годишен маж, тешко повреден, кој и покрај нашите најголеми напори да му го спасиме животот, почина. Другите повредени се евакуирани во најблиските медицински центри во тел Авив за да им се санираат раните“, рече медицинско лице.

Портпаролот на полицијата изјави дека терористот бил ликвидиран, потврдувајќи дека станува збор за терористички напад врз цивили.

Премиерот Нетанјаху мобилизираше и полициски и армиски резерви.

Претходно две британско-израелски сестри на возраст од 16 и 20 години биле убиени, а нивната мајка била тешко ранета во напад со огнено оружје на окупираниот Западен Брег.

Нападите се случија неколку часа откако Израел го бомбардираше Либан по ракетниот истрел за кој армијата ги обвини палестинските милитанти.

„Имаше експлозија од ракета која дојде од Либан и ја предизвика целата штета на мојата канцеларија. Јас сум адвокат и по религија сум Евреин. Слушнав од луѓето дека мојот канцеларија претрпела многу голема штета. Целото стакло распукало, како што гледате зад мене штетата е голема. Исплашени сме. Од 2006 беше мир, беше тивко но сега е многу изненадувачки“, вели Шломи Нааман, адвокат чија канцеларија беше оштетена.

Насилството доаѓа во време растечки тензии за време на еврејските, муслиманските и христијанските верски празници. Израелските безбедносни сили неколкупати извршија рации во џамијата Ал Акса, која е меѓу главните муслимански светилишта на Блискиот исток.

 

 

Марина Ристова