Потребна е соработка меѓу полицијата и граѓаните
Само преку заедничка соработка на граѓаните и полицијата, ќе се придонесе за безбедно и мирно општество, е пораката којашто ја пратија жителите на помалата општина од североистокот, Кратово, кои имаа можност одблизу да се запознаат со работата, но и опремата којашто секојдневно ја користат полициските припадници. Во оваа општина нарушувањата на јавниот ред и мир, се намалени за околу 50 отсто...

За успешно справување со криминалот, социјалните и физичките нарушувања, неопходно е заедничко работење меѓу полицијата и локалното население, ова беше истакнато пред жителите на Кратово, во рамки на заедничката кампања која што ја реализира Министерството за внатрешни работи и македонскиот полициски синдикат „МВР за граѓаните, заедница, доверба, одговорност“. Жителите имаа можност одблиску да се запознаат со работата на полицијата, но и опремата и средствата, коишто секојдневно ги користат. Тие се согласуваат дека за мирен и безбеден град, важна е соработката и довербата со полициските припадниците.
„Не е лоша идеја, треба да се запознае народот, што имаме, каква опрема, ова за прв пат мислам дека е во градот, добра соработка треба да има и да ги има почесто на терен, низ градот“, истакна еден граѓанин.
„Се е до свест на граѓаните, не е ниту до полицијата ниту до друга институција, ако имаме совест“, нагласува друг жител.
Целта на кампањата е доближување до граѓаните, вредностите и карактеристиките на полициското работење со заедницата.
„Полицијата како институција задолжена за безбедноста на граѓаните и општеството има една од најважните улоги во државата и заедницата. Таа го гарантира редот, мирот, безбедноста и владеењето на законите, работи на сузбивање на криминалот и води бескомпромисна борба со сите криминогени појави во општеството“, истакна Ивана Младеновска, портпарол на СВР Куманово.
Според статистиката нарушувањата на јавниот ред и мир на подрачјето на помалата општина од североистокот, Кратово, се намалени за околу 50 отсто.
Елена Георгиевска
