Анализа

Муслиу: Македонскиот модел ја рефлектира реалноста

08.04.2023 17:14

Уставот ја рефлектира состојбата во Македонија, став на Алберт Муслиу. Вели, македонскиот модел може да се користи за споровите во регионот. Менувањето на највисокиот правен документ по осми пат означува дека Македонија не се движи во добар правец. Доколку се менува, тоа значи дека е задоволено бугарското барање, укажува амбасадорот Ристо Никовски...

Македонскиот модел за уставните измени произлегува од историјата и општествените случувања и ја рефлектира реалноста и тенденцијата земјата да биде мултикултурна, смета аналитичарот Муслиу. Според него, овој модел може да послужи и за надминување на спорови во регионот. Муслиу е оптимист дека власта и опозицијата сепак ќе најдат начин да ги надминат разликите за да може земјата конечно да почне со отворање на поглавјата од преговорите.

Менувањето на Уставот по 8 ми пат за кус период според аналитичарот Ристо Никовски е индикатор дека државата не оди во добар правец. Тој укажува дека предлогот за промена на Уставот доаѓа од Бугарија, што е противуставно, а Собранието секако го нема потребното 2/3 мнозинство за да се заокружи процесот.

Во понеделник истекува рокот што го даде Министерството за правда за номинирање на членови во работните групи за уставните измени. Засега само шефот на државата Пендаровски потврди дека негов предлог за член во групата е професорот Александар Спасов.

 

 

 

Анита Димитријевска Велковска