Сигурен почеток, убедлива победа
Силните сервиси и напади на Никола Ѓорѓиев, незапирливите акции со завршница од четвртата зона преку Милков и Милев беа нерешлива енигма за противникот којшто поведе само еднаш...

Контрола, сигурна игра, убедлив резултат. Македонските одбојкари го совладаа Азербејџан со 3-0 и победнички влегоа во квалификацискиот турнир за Европското првенство во 2015-та. Без оглед на подготовкитѕе коишто во најголем дел ги минаа некомплетни, нашите репрезентативци немаа проблем во ниту еден дел од пресметката со Азербејџанците.
Силните сервиси и напади на Никола Ѓорѓиев, незапирливите акции со завршница од четвртата зона преку Милков и Милев беа нерешлива енигма за противникот којшто поведе само еднаш, со 1-0 во третиот сет. Македонија вго доби првиот со 25-15 и уште тогаш беше навестен триумфалниот настап. Во вториот сет беше 25-17, а во последниот 25-15.
„Добро ја анализиравме нивната игра. Сакавме и добро го нападнавме нивниот прием, ги искористивме шансите и сега ќе се насочиме кон Грузија“, се читаше задоволство од лицето на селекторот на македонската репрезентација Жарко Ристовски.
Уште во воведното коло се остварија претпоставкитедека Македонија и Шведска ќе играат за првото место во групата, а со тоа и за сигурно учество во втората натпреварувачка фаза од квалификациите за ЕП во Бугарија и во Италија. За место во неа постои и варијанта со втора позиција на струмичкиот турнир, но само доколку нашиот национален тим биде меѓу двете најдобри селекции во вкупно три групи во овој квалификациски сегмент.
Швеѓаните, кои денеска беа убедливи против Грузија, исто така во три сета, утре ќе се сретнат со Азербејџан, а црвено – жолтите ќе треба да ја оправдаат фаворитската улога против Грузија. Преносот од овој натпревар е на Собранискиот сервис на МРТ од 18 часот.
