Свети Николе

Регионалната депонија кај Мечкуевци ќе се гради без ингеренции на Општина Свети Николе

09.04.2023 11:03

Со пари од Европската Унија идната година ќе се гради првата регионална депонија во државата по европски стандарди во село Мечкуевци, информираат од Министерството за животна средина кое одзеде дел од надлежностите на Општина Свети Николе во овој проект. Според Советот на Свети Николе елаборатот за регионалната депонија не нуди соодветен третман на течниот отпад...

Министерството за животна средина ги одзеде ингеренциите на Општина Свети Николе во проектот регионална депонија, откако пред околу една година Советот на Свети Николе гласаше против нејзината изградба кај село Мечкуевци. Од Министерството за животна средина информираат дека до крајот на годината треба да заврши тендерската постапка за избор на изведувач и од наредната година изградбата ќе почне.

Регионалната депонија по европски стандарди се гледа како решение на проблемите на 18 општини од истокот и североистокот. Дел од подготовките, како нови камиони, контејнери и чистење на дивите депонии се реализираат. Вкупната вредност на проектот е 40 милиони евра.

За изградба на централната инсталација за преработка на отпад кај Мечкуевци изработена е тендерска документација и стратегиска оцена за влијанието врз животната средина. Утре во Свети Николе ќе има јавна презентација на урбанистичкиот проект за депонијата на која може да учествуваат заинтересираните граѓани.

 

 

Славица Величковска