Уставни измени

Уставните измени заглавени помеѓу власта и опозицијата

09.04.2023 16:17

Го затворивме прашањето за учество во работната група за уставни измени, расчистивме за надлежноста на уставната комисија, за македонскиот модел веќе нема да говорам. На ставот на Мицкоски, Ковачевски одговори: не наседнувајте на евтиниот популизам и национализам...

Промена на Уставот во овој парламентарен состав нема да има – дециден лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Вели ова прашање за него е затворено исто како и прашањето за делегирање на член во работната група за измени на уставната преамбула. Мицкоски потврди дека добивал притисоци однадвор за да го смени ставот, но им се спротивставил со аргументи. Порача – оној што мисли дека нешто со притисоци ќе добие – се лаже.

Премиерот Ковачевски опстојува на ставот за уставните измени кои ги гледа како неопходни за евроинтеграциите. На средба со граѓаните викендов во Охрид, во улога на партиски лидер Ковачевски истакна дека патот кон Европа мора да продолжи.

СДСМ ќе ја предводи иницијативата за продолжување на патот кон Европа, да се направат сите неопходни реформи и уставни измени кои се неопходни. Патот кон Европа мора да продолжи и нема да дозволиме да биде блокиран од евтиниот популизам и непромисленоста од лажните националисти. Надежта за европска иднина е жива, рече Ковачевски пред жителите на Охрид.

Министерството за правда го определи 10-ти април како краен рок за делегирање на членови во работната група за уставните измени. Засега не е познато колкумина од повиканите да учествуваат – доставиле предлози. ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Демократски сојуз ја одбија поканата, а од партијата на Гаши – Алтернатива велат-не може да има работна група без политички консензус.

 

 

Анита Димитријевска Велковска