Земјоделски стопанства

Се бара решение за легализација на фармите

10.04.2023 08:37

До крајот на идниот месец работна група од повеќе институции треба да подготви законско решение за да се поедностават процедурите за добивање средства од ИПА и од ИПАРД-програмите. Ова е особено важно за сточарските фарми кои најмногу се лоцирани надвор од населените места каде што нема урбанистички планови и не се легализирани, што е услов за добивање пари од европските фондови...

За два месеца треба да се најде начин како да се поедностават процедурите и можноста за легализација на постоечките фарми во и надвор од населените места, да се олесни пристапот до нив и начинот за градење нови објекти. Ова е планот на кој се работи во повеќе министерства.

Земјоделците кои се занимаваат со примарно животинско или растително производство со децении се соочуваат со проблеми при градење, пренамена или легализација на придружните објекти во стопанските дворови, поради некои од сегашните законски решенија по кои работат надлежните институции.

Најголем проблем што ги спречува фармерите да аплицираат за финансиска поддршка од ИПАРД-програмата е и нерегулираниот имотно-правен статус на фармите.

Анализите за користењето на ИПАРД-средствата покажуваат дека од 3.250 поднесени апликации за инвестиции во модернизација на земјоделски стопанства најголем дел се за растителното, а само 60 од нив за сточарското производство. Од вкупно одобрените 1.980, само 36 барања се одобрени за оваа дејност, што претставува помалку од 2 процента од целото производството на храна во нашава земја.

 

Методија Трајков