Култура

Велигденски концерт на хорот „Света Злата Мегленска“ во црквата Света Софија во Охрид

10.04.2023 11:08

Хорот во јавноста се промовира како културен амбасадор и реализатор на низа значајни меѓународни и државни фестивали, натпревари, концерти, предавања и слични настани од областа на хорската култура...

Националната установа „Охридско лето“ организира Велигденски концерт „Воскресеније твоје“ со женскиот камерен хор „Света Злата Мегленска“ од Скопје. Концертот ќе се одржи на 12 април во црквата „Света Софија“ во Охрид со почеток во 20 часот.

„Света Злата Мегленска“ преку своето 27-годишно континуирано работење стана хорски расадник и културен храм каде со огромна љубов и посветеност ги поттикна и ги стави во функција сите хорски состави на афирмирање на православната хорска музика ширум светот.

Хорот во јавноста се промовира како културен амбасадор и реализатор на низа значајни меѓународни и државни фестивали, натпревари, концерти, предавања и слични настани од областа на хорската култура.

Освен музицирањето и пријателското дружење, хорот се стреми кон подигање на патриотските чувства, будење на националната свест и негување на традиционалните вредности.

Женскиот камерен хор „Света Злата Мегленска“ од Скопје е формиран во 1996 година од 22 женски вокали од кои повеќето се млади академски образовани музичари и студенти на Факултетот за музичка уметност во Скопје и од другите државни универзитети во Македонија.

Основач, диригент и уметнички раководител на хорот е академскиот музичар Летка Димовска Полизова.