Ница Монферато

Тројца Македонци загинаа во сообраќајна несреќа во Италија

10.04.2023 11:36

Тројца македонски и еден италијански државјани загинаа синоќа во сообраќајна несреќа во Ница Монферато во Италија...

Во сообраќајна несреќа во Ница Монферато, во италијанската провинција Асти, животот го загубија четири лица, 23-годишник од Асти, италијански државјанин и тројца Македонци.

Младото момче патувало само во автомобилот, додека во другиот автомобил биле тројца македонски државјани, 33-годишник од Македонска Каменица, 31-годишник од селото Саса и 30-годишник од Пекљани, виничко.

Четирите момчиња кои загинаа на самото место, во областа Понте Верде, живееле во други градови во провинцијата Асти.

Полицијата сè уште ги испитува причините за трагедијата. Она што со сигурност е познато дека се работи за фронтален судир, соопштиле од полицијата за италијанските медиуми.

Претставниците на македонскиот конзулат и амбасадата веќе се во контакт со дел од семејствата на починатите и ќе бидат на располагање за асистенција за преносот на посмртните останки од Италија, соопштија од МНР.

Иако поради велигденските празници комуникацијата со италијанските служби е отежната, нашите дипломатски претставништва се во комуникација со нив за прибирање дополнителни информации за трагичната сообраќајка, велат од МНР.