Подољак: Документите се во голема мера фабрикувани
Доверливите документи на американските разузнавачки служби што протекоа во јавноста даваат увид за ситуацијата во Украина. Откриваат дека американците ги шпионирале и сојузничките земји, а длабоко навлегле и во руските безбедносни системи...

Кој објави строго доверливи американски документи и зошто? Министерство за правда на сад почна истрага.
„Започнати се меѓуагенциски напори фокусирани на проценка на влијанието што овие фотографирани документи може да го имаат врз националната безбедност на соединетите држави и врз нашите сојузници и партнери“, изјави заменик-секретарката за печат на Пентагон, Сабрина Синг.
Десетици класифицирани страници со мапи, графикони и фотографии кружат на интернет. Некои од нив, даваат детална слика за војната во Украина. Раскажуваат за жртвите претрпени од двете страни, за воената ранливост и, што е најважно, за тоа какви ќе бидат нивните релативни сили, кога Украина ќе одлучи да ја почне својата долгоочекувана пролетна офанзива.
Протекувањето го отвори и прашањето за можно американско шпионирање на блиските сојузници. Освен за Украина, документите содржат разузнавачки информации поврзани и за Кина, Блискиот исток и Африка.
Американските власти за тамошните медиуми потврдија дека документите се легитимни, но велат, останува можноста да се преработени за да се прикрие нивното потекло или да се шират лажни информации за да се наштети на безбедносните интереси на САД.
Советникот на шефот на кабинетот на претседателот на Украина, Михаил Подољак, верува дека документите се „засновани на голема количина на фабрикувани информации“ и дека немаат „никаква врска со вистинските планови на Украина“.
- Целта на „протекување“ доверливи информации е очигледна: да се одвлече вниманието, да се фрли сомнеж и меѓусебно сомневање, да се сее раздор. Тоа е едноставна игра на тајните служби. За да спроведете отворени брифинзи, додадете лажни информации или одредени делови од прислушувањата и објавете ги на социјалните мрежи, легализирајќи ги „протекувањето“, напиша Подољак на Твитер.
Дека сепак нешто се случува, укажува последната одлука за промена на воената тактика на Украина, која ја потврди извор близок на претседателот Зеленски за Си-Ен-Ен. Американскиот медиум објави дека има пристап до 53 документи протечени од Пентагон, а во кои, меѓу другото, се наведува дека САД го шпионирале претседателот на Украина, Володимир Зеленски. „Тоа не е изненадувачки“, изјави извор близок до Зеленски, сепак, Си-Ен-Ен објави дека украинските власти се длабоко фрустрирани од протекувањето на документите. Сеул веќе побара од Вашингтон да преземе мерки, по извештаите за наводна шпионажа на највисоките безбедносни јужнокорејски функционери. Ова е најголемото протекување на тајни американски информации за војната, од почетокот на руската инвазија. Некои од документите се стари од средината на февруари до почетокот на март.
Бојана Крстевски
