Кина

Вежби со боева муниција за „затворање“ на Тајван

10.04.2023 12:33

Тридневната операција е наречена „Заеднички меч“ и опфаќа опкружување на Тајван, кој Пекинг го смета за дел од Кина. Кинески борбени авиони и воени бродови изведоа симулирани напади, што предизвика протест од Тајпеј...

Кинески воени вежби со боева муниција во близина на Тајван. Пекинг испраќа јасна порака на гнев по средбата меѓу претседателката на островот со спикерот на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Мекарти. Тридневната операција е наречена „Заеднички меч“ и опфаќа опкружување на Тајван, кој Пекинг го смета за дел од Кина. Кинески борбени авиони и воени бродови изведоа симулирани напади, што предизвика протест од Тајпеј.

„Истражувавме нови методи на борба при вистинска употреба на нашата опрема. Способност за прецизен удар со долг дострел во сложено опкружување на бојното поле“, изјави Лу Та, командант на кинеска бригада.

Министерството за одбрана на Тајван ја осуди кина за спроведувањето воени вежби.

„Неодамнешното вознемирување на кинеската народноослободителна армија со нивните средства го дестабилизираше регионот. Посетата на тајванскиот претседател Цаи на САД стана нивен изговор за спроведување вежби и нивните акции сериозно ја загрозија безбедноста на околниот регион. Нашите единици за противвоздушна одбрана останаа во состојба на висока готовност, тие внимателно ја следат секоја можна цел и соодветно реагираат на непредвидени ситуации“, рече Сун Ли-Фанг, портпарол на Министерството за одбрана.

Тензиите се значително зголемени. Во Јужното Кинеско Море е присутен и американскиот разурнувач „УСС Милиус“, за којшто Вашингтон рече дека спроведува операција за слобода на пловидбата. Кина соопшти дека присуството на бродот е нелегално, бидејќи нема одобрение од владата на Пекинг и порача дека внимателно го следи движењето на разурнувачот.

Американскиот Стејт департмент рече дека Кина не треба да ја претвори посетата на Цаи во нешто што не е или да ја користи како изговор за претерана реакција.

Марина Ристова