Протест на археолозите

Протест против гласањето на измените на Законот за заштита на културното наследство

10.04.2023 12:35

Пред Собранието протест на заштитниците на културното наследство. Велат брзоплето да не се гласаат измените и дополнувањата со коишто ќе се уништат археолошките локалитети...

Да се спречи усвојувањето на законските измени за заштита на културното наследство, бидејќи зад нив се крие профитерска зделка од огромни размери – предупредија од Македонското археолошко друштво и ИКОМОС. Тие укажаа дека во регионот каде што се предвидени инфраструктурни зафати за Коридорите 8 и 10д постојат регистрирани археолошки локалитети, а со законските измени, сите овластувања ќе одат во рацете на надзорот којшто не е компетентен, притоа заобиколувајќи ја институционалната постапка.

„Свесното уништување и прикривање на културно наследство е кривично дело, кога во тоа е вклучено највисокото тело на државата која треба да се грижи за него“, предупредија учесниците на протестот.

Археолозите ги потсетија пратениците дека делницата Требеништа – Струга – Ќафасан е дел од светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, којшто е под заштита на Унеско. Рекоа дека доколку се прифати ваквиот Предлог-закон, културното наследство ќе биде изложено на директна опасност од уништување и трајно губење.

Не постои начин, ниту било какви средства на светот што ќе можат да го вратат уништеното културно наследство, кое не е само наше, туку е светско и треба да го оставиме за идните генерации“, рекоа присутните на собирот.

 

Александра Спировска