Ница Монферато

Тројца македонски државјани загинаа во сообраќајна несреќа во Италија

10.04.2023 12:40

Тројца македонски и еден италијански државјанин загинаа во сообраќајка во провинцијата Асти во Италија. Автомобилот во кој патувале Македонците директно се судрил во возилото во кое бил 23-годишниот Италијанец. Се врши увид, истрагата е во тек…

Тројца македонски државјани на возраст од 30, 31 и 33 години загинале во сообраќајна несреќа во градот Ница Монферато, во италијанската провинција Асти, дел од регионот Пиемонт. Снимките на италијански „РАИ“ од самото место на несреќата се застрашувачки, речиси ништо не е останато од возилата. Од МНР информираат дека во сообраќајката учествувале четворица. Сите загинале на самото место.

„Амбасадата во Рим, како и Генералниот конзулат во Венеција се во директен контакт со надлежните институции на Италија, од каде е добиена усна потврда за починатите наши државјани, како и за нивните податоци“, велат од МНР.

Претставниците на Конзулатот и Амбасадата се во контакт со семејствата на загинатите, и ќе бидат на располагање за асистенција во врска со преносот на посмртните останки од Италија.

Тројцата наши државјани се од Македонска Каменица, селото Саса, како и виничко Пакљани. Четвртиот загинат е италијански државјанин на возраст од 23 години, кој сам патувал во автомобил.

Италијанската полиција ги истражува причините за несреќата, но информираше дека станува збор за фронтален судир.

Катерина Топалова