Законски измени

Пендаровски ќе ја чека конечната верзија на законите за автопатиштата, па ќе реши дали ќе ги потпише

10.04.2023 14:19

Шефот на државата ги следи критиките во јавноста поради спорните измени на деветте закони, без кои не може да се градат автопатиштата од коридорите 8 и 10-Д. Претседателот ќе ја чека конечната верзија на законските проекти, бидејќи вели-тие може да бидат изменети со амандмани. Неговиот тим правници е ангажиран за следење на дебатата...

Ако законите ги повредуваат правата на граѓаните, нема потпишување на указот и објавување во „Службен весник“, вели претседателот Пендаровски. Шефот на државата ги следи критиките во јавноста поради спорните измени на деветте закони, без кои не може да се градат автопатиштата од коридорите 8 и 10-Д. Претседателот ќе ја чека конечната верзија на законските проекти, бидејќи вели-тие може да бидат изменети со амандмани. Неговиот тим правници е ангажиран за следење на дебатата.

„Реагираат на предлозите на законите. Опозицијата и власта влегуваат во Собранието, и владејачкото мнозинство може да предложи амандмани, претседателот го гледа конечниот закон. Ако ги повредуваат правата на граѓаните, завлегуваат во правата на трети лица. Се разбира дека барем некои од тие закони нема да поминат, но да ги видиме во конечна верзија“, изјави претседателот на државата, Стево Пендаровски.

Пакетот закони е неопходен за брзо и квалитетно извршување на работите на коридорите, вели премиерот Ковачевски. Потребно е усогласување со законската рамка, за да можат проектантот и изведувач „Бехтел и Енка“ да ја заврши изградбата во утврдениот рок од пет години.

„Изведувачот и проектантот на работите, реномираната компанија Бехтел и Енка, се избрани со специјален закон во Собранието, и овие закони практично претставуваат усогласување со законската регулатива со цел да може проектот да се заврши во рокот во којшто е предвиден, за пет години, и да биде тоа направено на законит начин“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Дури осум закони ќе се менуваат за коридорите 8 и 10-Д што треба да ги гради „Бехтел и Енка“. Турско-американскиот конзорциум ќе биде слободен од плаќање на ДДВ, а ќе му се враќа и акцизата на енергенти.

Милчо Велески