Министерството за правда утре ќе го објави составот на работната група за уставните измени
Последен ден за номинирање претставници во работната група за уставните измени. СДСМ се одлучи за Цветанка Иванова, Адеми ќе ги води интегративците. Премиерот Ковачевски вели, сите пратеници имаат обврска да носат одлуки во интерес на европската иднина. За ВМРО-ДПМНЕ, без консензус нема уставни измени...

Министерството за правда ќе ги објави номинациите од партиите и институциите, кои експерти ќе учествуваат во работната група за изготвување на уставните измени. Досега, се стигнати пријави од владејачките партии, информираат од Правда. СДСМ објави дека нивни член во работната група ќе биде Цветанка Иванова, актуелен генерален секретар на Собранието. ДУИ ќе оди со Арбер Адеми, Алијансата за албанците со Ремзи Мехмеди.
Обврска на сите политички партии е да ги поддржат процесите за стратешките одлуки на државата, како што е членството во ЕУ, а не тие да бидат предмет на дневнополитичка борба, велат во СДСМ.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека нема да подлегне на притисоците кои се прават врз него и дека промена на Уставот во овој парламентарен состав, нема да има. И Алтернатива, Левица, Социјалистичката партија, Демократскиот сојуз, се изјаснија дека нема да учествуваат. На ова премиерот и лидер на социјалдемократите, Димитар Ковачевски, одговара дека било очекувано кој ќе учествува, а кој не во работната група. Тој не мисли дека погрешно се менаџира процесот, за кој од ВМРО-ДПМНЕ го предупредија дека не може да се прават уставни измени без консензус.
Претседателот Стево Пендаровски, потврди дека негов претставник во работната група ќе биде професорот од правниот факултет Александар Спасов, правен советник во кабинетот. Познато е дека позитивен одговор дале професорот Јетон Шасивари, но и поранешната судијка во судот во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска. Академикот Владо Камбовски ја одби поканата за учество, со образложение дека нема политички консензус, а и дека работите се поставени наопаку.
Миле Ристески
