Законите за автопатиштата пред пратениците
Законските измени за изградба на автопатските делници од коридорите го минаа првиот собраниски филтер. По предупредувањата на археолозите повлечен беше само Законот за културно наследство. Има потреба од носење по скратена постапка на останатите осум, се изјасни мнозинството во Парламентот. Против беше ДОМ. Со став дека е спорна скратената постапка на носење, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата...

На работ на потребниот кворум, Собранието ја усвои потребата од носење на измени на осум закони, потребни за реализација на коридорите 8 и 10-Д. Одат во скратена постапка. Според предлагачите од мнозинството, целта е да се обезбеди ефикасност и економичност во работата, за стратешкиот партнер „Бехтел и Енка“ да ги изгради четирите делници во предвидениот рок од пет години.
ВМРО-ДПМНЕ апелираше да се повлечат законските измени, бидејќи за нив е потребно да се организира јавна расправа со сите засегнати страни. За опозициската партија е спорна скратена постапка. Најавија поднесување суштински амандмани. На повидок е нов коалициски пазар, рече од говорницата координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Мицевски, по што пратениците од редовите на партијата ја напуштија собраниската сала.
Сакаме да се развиваме брзо – одговори координаторот на СДСМ Митревски, кој ги обвини колегите од опозицијата дека со спречувањето на усвојување на законските измени го нарушуваат угледот на најголемата инвестиција во земјава досега.
Но, и за коалицискиот партнер на СДСМ, ДОМ е спорна скратената постапка. Оттаму побараа поголема транспарентност. Левица, пак, ја обвини пратеничката и лидерка на ДОМ Морачанин дека таа иако декларативно се против, сепак, со нејзиното присуство го обезбедила потребниот кворум.
Под притисок на јавноста, и предупредувањето од археолозите, повлечени беа спорните измени за Законот за културно наследство.
Марина С. Тонева
