ПРОТЕЧЕНИ ДОКУМЕНТИ

САД го истражуваат протекувањето доверливите документи

10.04.2023 14:49

Доверливите документи на американските разузнавачки служби што протекоа во јавноста, даваат детална слика за војната во Украина. Информации циркулираат и на социјални мрежи, дел се автентични, дел модификувани. Западни безбедносни експерти и американски официјални лица веруваат дека кртот е Американец...

Кој објави строго доверливи американски документи и зошто? Министерство за правда на сад почна истрага. Десетици класифицирани страници со мапи, графикони и фотографии кружат на интернет. Некои од нив, со детална слика за војната во Украина, за жртвите претрпени од двете страни, за воената ранливост и, што е најважно, за тоа какви ќе бидат нивните релативни сили кога Украина ќе одлучи да ја почне својата долгоочекувана пролетна офанзива.

За Киев документите се „засновани на голема количина на фабрикувани информации“ и немаат „никаква врска со вистинските планови на Украина“.

Целта на „протекување“ доверливи информации е очигледна: да се одвлече вниманието, да се фрли сомнеж и меѓусебно сомневање, да се сее раздор. Тоа е едноставна игра на тајните служби. За да спроведете отворени брифинзи, додадете лажни информации или одредени делови од прислушувањата и објавете ги на социјалните мрежи, легализирајќи ги „протекувањето“, напиша Подољак на Твитер.

И покрај потврдата на американските власти дека документите се легитимни, дел од експертите сметаат дека е можно да се работи за лажни информации за да им се наштети на безбедносните интереси на САД.

„Има некои аспекти од документите кои укажуваат на неправилности во нив, но истовремено и индикации кои упатуваат на можна руска кампања за дезинформирање, во која се навистина добри“, изјави поранешниот американски амбасадор во Русија, Џон Суливан.

Протекувањето на документите го отвори и прашањето за можно американско шпионирање на блиските сојузници. Освен за Украина, документите содржат разузнавачки информации и за Кина, Блискиот исток и Африка. Си-Ен-Ен објави дека има пристап до 53 документи во кои, меѓу другото, се наведува дека САД го шпионирале украинскиот претседател, Зеленски. За Кремељ, ова не е изненадување, бидејќи како што велат постојано се појавуваат податоци за американскиот надзор на европските лидери.

„Ги видовте протекувањата, кои се доста интересни. Сите тие се проучуваат, анализираат, дискутираат. Фактот дека САД долго време шпионираа различни шефови на држави, особено во европските метрополи, се појавија повеќе пати и предизвикаа разни скандалозни ситуации, сето тоа е лесно да се запамети. Затоа, тоа не може да се исклучи. А, што се однесува до обидите да се обвини Москва за се, тоа е толку честа болест, што тука нема што да се коментира, изјави Дмитриј Песков, прес-секретар на рускиот претседател Путин.

Сеул веќе побара од Вашингтон да преземе мерки, по извештаите за наводна шпионажа на највисоките безбедносни јужнокорејски функционери. Ова е најголемото протекување на тајни американски информации за војната од почетокот на руската инвазија. Некои од документите се стари од средината на февруари до почетокот на март.

Бојана Крстевски