археолозите на протест

Повлечени се спорните измени на Законот за културно наследство за коридорите 8 и 10-д

10.04.2023 14:58

Археолозите излегоа на протест и со аргументите дека ќе се уништи културното наследство ако се дозволи надзорот да има најголеми овластувања во проценките, ги убедија предлагачите во законодавниот дом да ги повлечат предлог-корекциите на овој закон..

Под притисок од археолозите, кои предупредија на штетните последици, повлечени се предложените измени во Законот за културно наследство за коридорите 8 и 10д. Во нив, меѓу другото, се предвидуваше, во случај да се наиде на археолошки локалитет или предмет од археолошка важност на трасата, најголеми овластувања да има надзорот, иако не е компетентен и практично да се заобиколат надлежните институции. Од Македонското археолошко друштво и ИКОМОС порачаа дека вакво решение не смее да помине, дотолку повеќе што државата треба да се грижи за културното наследство, а не да дозволи кршење на домашните закони, меѓународни договори и други ратификувани документи.

Археолозите ги потсетија пратениците дека делницата Требеништа – Струга – Ќафасан е дел од светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, којшто е под заштита на Унеско.

Не постои начин, ниту било какви средства на светот што ќе можат да го вратат уништеното културно наследство, кое не е само наше, туку е светско и треба да го оставиме за идните генерации“, порачаа учесниците на собирот пред Законодавниот дом.

 

Александра Спировска