Средба Османи – Дарчиашвили: ОБСЕ нема да штеди напори за подобрување на состојбата на луѓето во Грузија
На заедничка прес-конференција во Тбилиси, Османи нагласи дека како Претседавач, Северна Македонија се стреми кон мирно, сеопфатно и одржливо решавање на конфликтите што ја засегаат Грузија, алудирајќи на продолжување на адресирањето на овие прашања во рамки на клучните дипломатски канали за дијалог кои се под заедничко раководство на ЕУ, ОБСЕ и ОН...

Во својство на Претседавач со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи денеска во Грузија се сретна со министерот за надворешни работи на земјата, Илиа Дарчиашвили.
На заедничка прес-конференција во Тбилиси, Османи нагласи дека како Претседавач, Северна Македонија се стреми кон мирно, сеопфатно и одржливо решавање на конфликтите што ја засегаат Грузија, алудирајќи на продолжување на адресирањето на овие прашања во рамки на клучните дипломатски канали за дијалог кои се под заедничко раководство на ЕУ, ОБСЕ и ОН.
Меѓународните дијалози во Женева, инаку, е единствената платформа каде што сите релевантни учесници се среќаваат на политичко ниво уште од 2008 година, а кои се фокусираат на безбедносни и хуманитарни прашања. Едно од главните достигнувања на Меѓународните дијалози во Женева е воспоставувањето на заедничкиот Механизам за спречување и одговор на инциденти, чија цел е смирување на тензиите.
Во тој контекст, а и во насока на пораката на Претседателството „За луѓето се работи“, Османи ја потенцираше својата поддршката на сите прагматични пристапи за мирно решавање на ситуацијата, со цел да се обезбедат вистински резултати токму за луѓето кои се погодени од конфликтите.
Тој додаде и дека ОБСЕ нема да штеди напори за подобрување на нивната состојба и во соработка со своите партнери ќе продолжи да ја промовира слободата на движење и да покренува суштински хуманитарни прашања, особено за притворените, раселените и исчезнати лица.
Во својата изјава, Претседавачот Османи се осврна и дека ОБСЕ ќе го продолжи својот ангажман за поддршка на раселените жени и млади лица кои се погодени од конфликтот.
На крајот на средбата, Османи повтори и дека ОБСЕ ќе продолжи да дава суштинска поддршка во спроведување на заложбите во трите димензии на Организацијата, што пак ќе придонесе и за внатрешните реформски процеси на Грузија.
„Многу години, ОБСЕ и нејзините земји-учеснички како Грузија играа интегрална улога во обезбедувањето стабилност и безбедност на поширокиот регион на ОБСЕ. Затоа, дозволете ми да ве уверам дека мојата цел е како Претседавач со ОБСЕ да ја зајакнам и продлабочам нашата соработка и да промовирам мир и стабилност во овие неизвесни времиња“, заклучи Османи.
