Битиќи: АДА е материјализирање на дигитализацијата за транспарентност, ефективност и ефикасност во јавниот сектор
Заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, се обрати на настанот на кој Владата на Република Северна Македонија официјално ја пушти во употреба АДА, дигитален асистент во јавниот сектор, прв во регионот и пошироко базиран на вештачка интелигенција...

Заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, се обрати на настанот на кој Владата на Република Северна Македонија официјално ја пушти во употреба АДА, дигитален асистент во јавниот сектор, прв во регионот и пошироко базиран на вештачка интелигенција.
Во неговото обраќање, вицепремиерот Битиќи рече дека АДА е материјализирање на промената која на сите ни е потребна, е материјализирање на дигитализацијата која постојано ја зборуваме, за транспарентност, ефективност и ефикасност во јавниот сектор.
„АДА во суштина е материјализирање на сето што го зборуваме и што велиме дека ни е промената која што ни е потребна. Затоа што постојано зборуваме за дигитализација, транспарентност, ефективност и ефикасност во јавниот сектор, и, еве го продуктот кој што треба да не однесе до таму. Во едноставна алатка достапна за сите. АДА за разлика од озборувањата дека јавниот сектор не е ефикасен, ќе биде достапна 24/7. Ќе може да опслужува неограничен број на корисници истовремено, во исто време, без чекање и непотребно префрлување од институција во институција и секаде ќе добиваат исти информации што е клучно за да се отстрани просторот за манипулација со истите информации“, рече Битиќи.
АДА веќе е пуштена во употреба, стои на располагање на компаниите на кои ќе им овозможи добивање целосни информации за условите за инвестирање во нашата земја и за државната помош која се нуди за инвестициите. Преку дигиталниот асистент, граѓаните и заинтересираните странски инвеститори ќе можат да се запознаат со достапните програми и отворени повици на институциите кои се јавуваат како даватели на државна помош, и гарантира голема транспарентност, ефикасно и ефективно добивање на податоци за бизнисот во реално време 24/7 на три јазици, македонски, албански и на англиски на интернет адресата: ada.gov.mk.
