Култура

Вечерва премиера на „Веќе не е ни смешно“ во Театар Комедија

11.04.2023 11:04

„Веќе не е ни смешно“ е црна комедија за комедијата денес. Пиесата ја прикажува приказната за еден комичар кој запаѓа во депресија зашто сите почнуваат да му го „јадат лебот“. Хуморот, неговиот занает, станува задолжителен, излитен и банален.

Вечерва во Театар Комедија ќе биде изведена првата премиера во 2023-та година. Станува збор за праизведба на пиеса со наслов „Веќе не е ни смешно“ на авторот Сашо Кокаланов, а во режија на Срѓан Јаниќиевиќ.

„Веќе не е ни смешно“ е црна комедија за комедијата денес. Пиесата ја прикажува приказната за еден комичар кој запаѓа во депресија зашто сите почнуваат да му го „јадат лебот“. Хуморот, неговиот занает, станува задолжителен, излитен и банален.

Комичарот се наоѓа помеѓу чеканот и наковалната: од една страна свет во кој сите се смешни и имаат слобода да го истурат својот лош хумор секаде околу себе, а од друга страна цензорското око на збудалената политичка коректност. Како да продолжи да твори фрлен среде океанот на универзалната смешка и со врзани раце и нозе од cancel- културата.

Комедијата на Кокаланов е инспирирана од делата „Човекот што плаче од смеење“ на Фредерик Бегбеде и „Човекот што се смее“ на Виктор Иго. Во неа се препознаваат и алузии на филмот „Џокер“ на Тод Филипс како и на тажните животи на големите најстори на хуморот Робин Вилијамс, но за жал и на „кловновите“ околу нас. Костимограф на претставата е Лидија Георгиева, сценографијата е на Марија Ветерова, музиката е на Игор Василев – Новоградска, од останатите соработници автор на плакатот е Мартина Петровска, фото- Кире Галевски и видео- Машина продакшн и светло - Илија Тарчуговски.

Во претставата играат: Атанас Атанасовски, Тино Костадиновски, Сергеј Димовски, Тони Денковски, Жаклина Петровска и Виктор Арсов.