мвр

МВР со ново предупредување: Не наседнувајте на лажни електронски пораки во име на директорот на БЈБ

11.04.2023 11:12

МВР ги известува граѓаните дека станува збор за лажна порака која не е испратена од страна на МВР, односно од БЈБ. Овие електронски пораки се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на испраќачот со цел нивна понатамошна злоупотреба...

Деновиве во МВР пристигнаа пријави од граѓани за добиена електронска порака наводно во име на директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, во која во вид на некакво барање за судско појаснување, примачот на пораката се известува дека е предмет на правни постапки за низа измислени кривични дела, кои ги нема сторено. Притоа, примачот на пораката се повикува да го контактира испраќачот.

МВР ги известува граѓаните дека станува збор за лажна порака која не е испратена од страна на МВР, односно од БЈБ. Овие електронски пораки се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на испраќачот со цел нивна понатамошна злоупотреба.

Од МВР апелираат на посебно внимание, овие пораки да не се отвораат, а уште помалку да се контактира испраќачот преку доставениот линк и да се споделуваат личните податоци кои ќе ви бидат побарани. Исто така, предупредуваат да не се отвораат линкови и датотеки кои се испратени во прилог на електронска порака која доаѓа од непознат испраќач, со цел заштита на сопствениот компјутерски систем од малициозен софтвер.