Украина

Жестоки битки за Бахмут

11.04.2023 11:57

Руските сили имаат над 75 проценти контрола врз Бахмут, тврдат властите назначени од Кремљ. „Контраофанзивата е во тек, систематски ги уништуваме руските сили“, децидни украинските власти. Беспилотно летало се урна на затворениот аеродром во руски Белгород, во близина до границата со Украина...

Руските сили имаат над 75 проценти контрола врз Бахмут, тврдат властите назначени од Кремљ. „Контраофанзивата е во тек, систематски ги уништуваме руските сили“, децидни украинските власти. Беспилотно летало се урна на затворениот аеродром во руски Белгород, во близина до границата со Украина. Во меѓувреме, Киев и Москва разменија над двесте воени затвореници, oслободени се 106 Руси и 100 Украинци.

„Успеавме да донесеме дома уште 100 бранители, 80 мажи и 20 жени. Станува збор за војници, граничари, војници на воените и поморските сили, национални гардисти. Меѓу нив, инаку, се и бранителите на Азовстал“, Володимир Зеленски-претседател на Украина.

Данска објави дека ќе и подари на Украина 100 тенкови „Леопард-1“ пред летото, а идниот месец Киев може да добие противвоздушни системи „Цезар“, за кои во моментов на обука се украински војници. Русија и западните земји разменија обвинувања за нелегални меѓународни трансфери на оружје. Москва предупредува на прелевање оружје испратено во Украина.

„Кризите што самите ги испровоцираа Западните земји во Украина, беа демонстрација на неискреноста за поддршка на меѓународните напори за борба против неконтролираното ширење на оружјето“, Василиј Небензија-постојан претставник на Русија во ООН.

„Состанокот е прикриен напор да се портретира Русија како одговорен актер во контролата на оружјето, кој се обидува да ја замагли реалноста дека почнала неоправдана вооружена инвазија на својот сосед“, Роберт Вуд – заменик-постојан претставник на САД во ООН.

Обединетите нации загрижени и за влијанието на војната во Украина врз здравствениот сектор.

„Од СЗО велат, дека имало 24 напади врз здравствени објекти од почетокот на годината. Во 2022 година, речиси 70 насто од сите напади врз здравствени работници во светот се случија во Украина“, Стефан Дујариќ-портпарол на генералниот секретар на ООН.

Русија почна големи воени вежби во водите на Арктикот, во кои учествуваат 1.800 војници, повеќе од десетина бродови и 40 авиони и хеликоптери. Вежбите ќе се фокусираат на заштитата на безбедноста на руската трговска морнарица и поморските патишта, како што е североисточниот премин.

 

Маријана Димовска