Бабовски на меѓународна конференција „Предизвиците на безбедноста и сигурноста на храната во Југоисточна Европа“
Одржувањето на високо ниво на доверба на потрошувачите со преземање на навремени и ефикасни активности за спречување на опасности, ризици и закани низ целиот ланец на исхрана, нагласи Бабовски во обраќањето пред учесниците на Конференцијата.

Директорот на Агенција за храна и ветеринарство Николче Бабовски, денес и утре во Подгорица, на покана на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Црна Гора, учествува на конференцијата „Предизвиците на безбедноста и сигурноста на храната во југоисточна Европа“.
Обезбедување безбедност на храната која се произведува, но и увезува во земјата се целите кон кои се стреми АХВ, бидејќи секој од нас како потрошувач има право да консумира безбедна и квалитетна храна. Одржувањето на високо ниво на доверба на потрошувачите со преземање на навремени и ефикасни активности за спречување на опасности, ризици и закани низ целиот ланец на исхрана, нагласи Бабовски во обраќањето пред учесниците на Конференцијата.
Еден од најголемите предизвици за надлежните органи за безбедност на храната денес е спречување на измамите со храна кои понекогаш може да имаат сериозни импликации врз безбедноста на храната и здравјето на потрошувачите. Поаѓајќи од принципот „Безбедноста на храната е сечија одговорност“, Агенцијата за храна и ветеринарство е посветена на спроведување активности за подобро информирање на потрошувачите, нивна едукација, спроведување контролни и превентивни мерки, обезбедување независна научна експертиза придружена со лабораториски капацитет за проверка на автентичноста на храната, воведување и одржување на системот за собирање, следење и анализирање на информации поврзани со измамите со храна и развој на механизми и техники за истраги поврзани со нив, како и воспоставување соработка со Мрежата за измами со храна на Европската унија и доколку е можно, пристапување кон Мрежата за следење на онлајн трговијата – потенцира Бабовски.
На конференцијата учествуваат повеќе од десет делегации на земји-учеснички на Процесот на соработка во југоисточна Европа (СЕЕЦП), како и високи претставници на меѓународни организации од областа на безбедноста на храната. Целта на конференцијата е размена на искуства и знаења од оваа област од земјите од регионот и воспоставување нови соработки и партнерства.
