Во САД истрага за протекувањето на доверливите документи
Во САД Министерството за правда почна истрага за објавените материјали од Пентагон кои беа објавени на социјалните медиуми. Дел од тековната истрага се фокусира на истражување колку разузнавачките податоци се споделуваат интерно за да се ограничи кругот на можни виновници. Се споменуваат податоци за воената стратегија и ресурсите на Украина, наводната нелегална активност за надзор на САД против Израел и извештаи дека Мосад организирал демонстрации против израелскиот премиер Нетанјаху …

САД и Јужна Кореја се согласни дека значителен број на откриените документи од американското разузнавање, вклучувајќи и делови од наводни приватни разговори се лажни. Министерството за правда почна истрага за материјалите од Пентагон кои беа објавени на социјалните медиуми. Десетици фотографии кружат неколку недели на Твитер, Телеграм и Дискорд. Дел од тековната истрага се фокусира на истражување колку разузнавачките податоци се споделуваат интерно за да се ограничи кругот на можни виновници.
„Истрагата само што почна. Не знаеме кој е зад ова. Не знаеме ни кој бил мотивот. Овие информации не се за јавноста, не се за насловните страници на весниците или за телевизиите“, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност на Белата куќа.
„Голем дел од откриените информации се фалсификувани, а проценката е конзистентна. Бидејќи ова е внатрешно прашање на САД, нивното Министерство за правда ќе го истражува инцидентот, а за тоа е потребно време. Двете земји се во разузнавачки сојуз, соработуваме во разузнавачките активности за важните прашања“, изјави Ким Тае-Хјо, заменик-советник за национална безбедност.
Во документите обележани со датуми од февруари до март се наведени информации за американските сојузници. Се споменуваат податоци за воената стратегија и ресурсите на Украина, наводната нелегална активност за надзор на САД против Израел и извештаи дека Мосад организирал демонстрации против израелскиот премиер Нетанјаху.
„САД водат сериозна истрага, се здружија со партнерите за да ги разберат подобро потенцијалните последици. Како воено лице, не сметам дека сите информации треба да се слободни и јавни. Верувам дека постои национален интерес во заштитата на некои од нив. Во вакви околности, ова објавување на материјалите е веројатно штетно“, изјави Генерал Ангус Кемпбел.
Според Ројтерс, анонимен американски функционер навел повеќе теории за инцидентот, почнувајќи од сценарија со незадоволен вработен, па сè до внатрешна закана за поткопување на интересите на националната безбедност. Последниот случај се споредува со објавувањето на илјадници документи на Викиликс во 2013-та година.
Маја С. Филдишев
