Собрание

Партиите најавија амандмани за законските измени за коридорите

11.04.2023 14:13

ВМРО-ДПМНЕ со амандмани ќе ги подобрува предлог-законите важни за изградбата на коридорите 8 и 10-Д. Од опозициската партија без директен одговор дали ќе го блокираат носењето на законите. ВМРО-Народна бара повлекување на законските решенија и владата да биде предлагач. Левица реагира дека е прекршена собраниската процедура…

Дел од парламентарните партии во Собранието со амандмани ќе се обидат да ги спречат, како што велат, штетните измени во осумте закони потребни за изградбата на коридорите 8 и 10-д.

За опозицијата тие се противуставни, и за кои пенали треба да плаќаат граѓаните, за што одговорност мора да има, бидејќи небулозно е на изведувачот „Бехтел и Енка“ да му се платат 53 милиони евра ако не се смени работното време од 40 на 60 часа неделно, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Ковачевски и Груби ја злоупотребиле службената положба и овластување и за ова мора да има одговорност, вели Мицкоски.

Влегуваме во корпоративен феудализам, изведувачот ќе биде ослободен од давачки, а кон него државата ќе плаќа и милионски суми пенали, коментираат од Левица.

За коалицискиот партнер на СДСМ, ВМРО-Народна недозволиво е по потпишување на договорот и почнување на работите, да се менуваат условите за работа. Партијата бара повлекување на законските решенија, а владата да биде подносител.

За власта, пакетот-закони е неопходен за брзо и квалитетно извршување на работите на коридорите, за да се запази рокот од пет години. Според планираното, турско-американскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ ќе биде ослободен од плаќање на ДДВ, а ќе му се враќа и акцизата на енергенти.

Миле Ристески