Здравство

Вонреден надзор во битолската болница

11.04.2023 14:21

По смртта на новороденчето, во битолската болница вонреден инспекциски надзор од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. По двете трагедии за неполни три недели, директорот Обедниковски поднесува оставка од морални причини...

Во битолската Клиничка болница вонреден инспекциски надзор на Државниот здравствен и санитарен инспекторат. Се „чешла“ документацијата дали е направен пропуст при породувањето на 24-годишната битолчанка, која го изгуби новороденчето.

Бебето било извлечено со вакуум, во лоша здравствена состојба, со бавни отчукувања на срцето, а обидите на лекарите за негова реанимација беа безуспешни. Телото е предадено на обдукција. Покрај инспекторите, формирана е и Комисија за стручен надзор, составена од двајца специјалисти-гинеколози, неонатолог, анестезиолог и претставник од Министерство за здравство кои работат на утврдување на причините за ненадејната смрт на новороденчето.

По официјалните резултати, инспекторите ќе излезат со извештај, министерот за здравство Меџити, пак рече, доколку има пропусти, ќе има и санкции. По двата смртни случаи за неполни три недели, директорот на болницата Александар Обедниковски, поднесе неотповиклива оставка, од морални причини.

Во меѓувреме од Институциите и од Министерството за здравство, се чекаат и резултатите од обдукцијата на 6-годишната Јана, која почина на крајот од месец март во истата болница. Семејството Христовски се сомнева на лекарска грешка и не сака да верува во ништо спротивно. Заедно со најблиските роднини како и мнозинство на граѓани преку протести бараат правда за Јана. Досега се организирани два протести, најавен е и трет, кој ќе се одржи пред Битолската клиничка болница.

 

Александра Максимовска