Спасовски- Валадас: Заеднички ги имплементираме најдобрите европски практики во полициското работење
Спасовски ја потврди посветеноста на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија кон воспоставување и имплементирање на најдобрите европски практики во полициското работење.

Mинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во рамки на работната посета на Брисел, оствари билатерална средба со претседателот на Советот на Полициските синдикати на Европа, Рикардо Валадас.
Изразувајќи го задоволството од партнерската соработка, министерот Спасовски ја потврди посветеноста на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија кон воспоставување и имплементирање на најдобрите европски практики во полициското работење, соопштуваат од МВР.
„Дотолку повеќе што веќе заеднички ги носиме стратешките одлуки, како и тактичките и оперативни процедури, се со цел создавање на полиција вистински сервис на граѓаните и гарант на безбедноста.Во таа насока би ја истакнал и нашата партнерска соработка, преку напорите на Советот на Полициските синдикати на Европа и на сите пријатели и партнери кои учествуваа во подготовката на овој нов значаен документ. Уверен сум дека истиот ќе ги исполни очекувањата и идеите на полициските службеници за полициското работење во Европа”, истакна министерот Спасовски, додавајќи дека предложениот модел на унапредување на полициската професија е одговор на современите безбедносни предизвици.
Претседателот на Советот на Полициските синдикати на Европа, Рикардо Валадас, рече дека му претставува особено задоволство што денеска имаа можност да остварат билатерална средба со министерот Спасовски истакнувајќи дека во ЦЕСП имаме вистински партнер како во обуки и експертиза така и во делот на остварување на демократските принципи во полициското работење а со тоа обезбедување на сигурноста и безбедноста на граѓаните.
