Поместена старосната границата на заболени од рак на дојка
Наместо по 50-тата година, се почесто се јавуваат заболени од карцином на дојка од 20-тите години. Бројот на заболени постојано расте, информираат надлежните, кои укажуваат дека клучна е раната превенција. Поради нередовните прегледи, земјава е со повисока стапка на заболувања за разлика од соседството...

Расте бројот на пациентки заболени од ракот на дојка, а старосната граница значајно е поместена. По студиите беше по 50-тата година, но сега имаме многу млади пациентки од 20-тина години. Стручните лица велат, болеста може да се спречи само со навремена интервенција. Апелираат жените да се прегледуваат, бидејќи според податоците карцином на дојка се јавува кај секоја осма жена. Важно е посочуваат навреме да се зема терапијата. Ехо на дојка се препорачува на секои шест месеци, а мамографија еднаш годишно.
„Многу е важно навреме да се открие, колку порано откриен, тоа значи дека има повеќе шанси за излекување. Бројот на пациентки расте. Старосната граница е поместена. По студии беше по 50-тата година, но имаме многу млади пациентки од 20-тина години“, изјави доктор Мери Пешевска од Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија.
Поради нередовните прегледи, земјава е со повисока стапка на заболувања за разлика од соседството.
„На ниво на државата лани имало 1200 новозаболени пациентки од рак на дојка. Во однос на соседните држави, кај нас има висока стапка на заболување, на пример во Албанија, Косово, има по 600 дијагностицирани, а кај нас е двојно повеќе. Ова се должи на нередовни прегледи“, изјави Емануела Додева, претседателка на Здружението „Борка – Езра“.
Здружението за борба против рак „Борка – Езра“, на ниво на земјава спроведува кампања која има за цел да ја крене свеста за превентивно делување и подобрување на квалитетот на животот на пациентите со малигни заболувања. Во соработка со Владата, предвидена е и набавка на мобилен мамограф, со кој ќе се овозможи прегледи на жените од руралните подрачја.
Елена Георгиевска
