Протечени документи

Во САД продолжува истрагата за објавените тајни документи

12.04.2023 11:36

„Србија ќе испрати или веќе испрати воена помош за Украина, а британските специјалци се веќе на терен, заедно со оперативци од неколку други земји“ – се вели во дел од објавените документи од Пентагон. Поради разоткриените информации, Украина ја одложи пролетната контраофанзива...

Скандалот со објавените тајни документи на Пентагон во фокусот на американската влада. Министерството за правда спроведува кривична истрага за објавените тајни информации во кои, меѓу другото, се наведени детали за украинската војна, но и прислушување на сојузниците. Пентагон ја проценува штетата направена за националната безбедност. Според нив, дел од документите се автентични. Случајот се смета за најсериозното издавање тајни по аферата Викиликс.

„Дневно комуницирам со лидерите на сите оддели. Наредив итно и вкрстено здружување на нивните напори. Проблемот е проследен до Министерството за правда. Документите се датирани од 28-ми февруари до 1-ви март. Не знам дали и други документи биле објавени на интернет. Овие работи ќе ги откриеме во текот на истрагата, но документите на кои се фокусираме сега се тие од февруари до март. Биле ставени на интернет, но каде точно и кој имал пристап во тој момент, не знаеме“, изјави Лојд Остин, министер за одбрана.

„Во однос на овие документи, во последните денови се здруживме со партнерите и сојузниците, ги уверуваме во нашата заложба да го заштитиме разузнавањето и нашите партнерства“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.

Поради разоткривањето на податоците, украинските власти ја одложија пролетната контраофанзива против руската армија до лето. Објавени се и информации за расположливото оружје од западните сојузници, како и условите на теренот на источниот фронт. Документ од 23-ти март укажува на присуството на западни специјални сили кои оперираат на терен без да се прецизираат нивните конкретни задачи. Според овие податоци, Велика Британија има 50 оперативци, Летонија 17, Франција 15, Америка 14, додека Холандија има само еден. Србија, единствената земја во Европа која одби да воведе санкции против Русија, наводно се согласила да испорача оружје на Киев или веќе го испратила, пишува во доверливиот документ на Пентагон, до кој дојде агенцијата „Ројтерс“. Официјален Белград ги демантира извештаите.

 

Маја С. Филдишев