Осумгодишно дете почина по напад од кучето на соседот
Осумгодишно дете почина откако било искасано на вратот и на главата од кучето на својот сосед. Во болницата било донесено без витални знаци, искрвавено. Лекарите се обиделе да го реанимираат, но им подлегнало на повредите. Јавен обвинител направи увид на местото...

Повредите на главата и на вратот биле фатални за осумгодишникот од Пинтија, кој во вторникот попладне почина откако бил искасан од домашното куче на соседите. Лекарите од Градската општа болница безуспешно се обидувале да му го спасат животот. Детето при прием во болницата не покажувало знаци на живот, а поради сериозноста на гризнатините искрварело до смрт. Во разговор за МТВ, таткото на детето рече дека неговиот син и претходно си играл со кучето и досега немало никаков инцидент.
Трагедијата се случила во момент кога сопствениците на кучето не биле дома. Детето кое живеело во соседната куќа, се прекачило преку оградата, влегло во дворот на соседите каде што било нападнато од кучето.
Луѓето од соседните куќи не сакаа да зборуваат за тоа што се случило. Објаснија дека сопственикот, освен кучето од расата бул мастив имал уште едно куче, кои понекогаш излегувале од дворот и се шетале по околните имоти, но не правеле проблеми.
Увид на самото место изврши јавен обвинител. Телото на починатото дете е предадено за обдукција.
Анита Димитријевска Велковска
