Прв состанок на работната група за уставните измени по велигденските празници
По Велигден, прв состанок на работната група за уставните измени. Кај власта оптимизам дека ќе има двотретинско мнозинство. За Мицкоски, пак, темата за отворање на Уставот е затворена. Откако беше одбиен неговиот предлог хрватскиот модел од преамбулата да се преслика во нашиот Устав, на тема Устав повеќе не коментира…

Работната група за уставните измени првиот состанок ќе го има по велигденските празници. Потоа се очекува да почне формулирањето на предлозите, за кои потоа ќе се отвори јавна расправа. Од Владата сметаат дека треба да се разговара како рационално и најразумно да се предложат уставните измени за кои се потребни гласовите на минимум 80 пратеници. Кај власта оптимизам дека може да се постигне тоа, доколку фокусот биде на обврските од преговарачката рамка и францускиот предлог. Постапката за уставни измени треба да почне, вели Ковачевски, со уверување дека Собранието има демократски капацитет за овој процес. Рече дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не е пратеник и не е нерелевантен да зборува за тоа прашање, а многу често ги менува и своите ставови.
„Прво кажуваше дека го поддржува Договорот со бугарскиот премиер во тоа време, потоа дека не го поддржува, потоа со премиерот Петков кажа дека поддржува уставни измени, па потоа рече дека не поддржува, потоа рече дека ако некој негов пратеник гласа за уставни измени ќе даде оставка, па им земаше нотарски изјави на пратениците дека нема да гласаат, за потоа да каже поддржуваме уставни измени, но по хрватски модел, па по три дена повторно рече дека не поддржуваат уставни измени“, изјави премиерот Ковачевски.
Мицкоски пак, неколку дена по ред воопшто не сака да одговара на новинарските прашања за уставните измени. Вели-таа тема е затворена.
А, комуникацијата на релација Скопје-Софија на најмала брзина. Се почести се изјавите и реакциите преку медиумите. Претседателот Пендаровски вели дека во последните две години немал ниту еден конструктивен разговор со бугарскиот претседател. Додава дека за танго потребни се двајца. Објективно, во изминативе две години Бугарија имаше серија на провокации и излезе со аргументи за наша блокада кон ЕУ каква што немало во историјата на Унијата, рече Пендаровски. Радев пак, тврди дека повеќепати го канел Пендаровски во Софија и оти и помага, а не и одмага на Македонија.
Милчо Велески
