Трагедија во скопска Пинтија

Куче до смрт искаса дете

12.04.2023 14:34

Осумгодишно дете почина откако било искасано од домашното куче на соседот. Во болница донесено искрвавено, со сериозни повреди на главата и вратот. Лекарите не успеале да му го спасат животот...

Повредите на главата и на вратот биле фатални за осумгодишникот од Пинтија, кој во вторникот попладне почина откако бил искасан од домашното куче на соседите. Лекарите од Градската општа болница безуспешно се обидувале да му го спасат животот. Детето при прием во болницата не покажувало знаци на живот, а поради сериозноста на гризнатините искрварело до смрт. Во разговор за МТВ, таткото на детето рече дека неговиот син и претходно си играл со кучето и досега немало никаков инцидент.

Трагедијата се случила во момент кога сопствениците на кучето не биле дома. Детето кое живеело во соседната куќа се прекачило преку оградата, влегло во дворот на соседите каде што било нападнато од кучето.

Во пријавата до МВР, стои дека сопственикот на кучето го видел повреденото дете кога се вратил дома, по што веднаш ги повикал родителите и со неговото возило го однеле во болница. Имал три кучиња од расата бул мастив кои биле заловени и отстранети од имотот.

Луѓето од соседните куќи не сакаа да зборуваат за тоа што се случило. Потврдија дека сопственикот имал повеќе кучиња, кои понекогаш излегувале од дворот и се шетале по околните имоти, но не правеле проблеми.

Увид на самото место изврши јавен обвинител. Телото на починатото дете е предадено за обдукција.

 

Анита Димитријевска Велковска