Инспекторат

ДСЗ констатираше пропусти од докторите во случајот со родилката од Битола и починатото новороденче

12.04.2023 14:49

Прекршочна мерка ќе заработи гинекологот што ја третирал родилката чие новороденче почина. Инспекторите утврдиле низа пропусти. Одговорност ќе понесе и болницата. Да се формира комисија за утврдување евентуална лекарска грешка, бара Државниот инспекторат...

Државниот санитарен и здравствен инспекторат констатирал пропусти на лекарите во однос на третманот на родилката од Битола, која го загуби бебето. Ден пред породувањето, кога пациентката побарала лекарска помош, не и била земена анамнеза и не и бил евидентиран статусот, не и било дадено ниту отпусно писмо и не се внесени дадените препораки од гинеколог, велат од ДСЗИ. За ова, освен лекарот одговорност ќе понесат болницата и одговорното лице.

За констатираните недостатоци, од ДСЗИ ќе бидат изречени прекршочни мерки за докторот М.В., за правното лице и за одговорното лице врз основа на Законот за евиденција.

За лекарот М.В. ќе биде изречена и прекршочна мерка од Законот за здравствена заштита.

За гинекологот ќе биде изречена и прекршочна мерка по Законот за здравствена заштита, бидејќи по дадената терапија пациентката била пуштена дома со образложение дека раѓањето не било почнато. Според изјавата на докторот, усно и било кажано доколку се јават болки или и прсне водењакот да се јави на одделението. ДСЗИ ќе иницира до Министерството за здравство формирање на комисија за евентуално утврдување лекарска грешка.

По изјава на лекарите специјалисти кои биле дежурни наредната смена, на 9-ти април, пациентката попладне се јавила на одделението и по извршениот клинички преглед во амбулантата и е направено ЦТГ, и била дадена препорака за прием поради отпочнато породување. Била породена по природен пат со употреба на вакуум екстрактор.

Дежурните лекари не знаеле дека пациентката ден претходно била во болницата оти приемот не бил ставен во тетратка. Детето било родено живо, но со ниска вредност од АПГАР 2, тест за проценка на виталноста по породување. Следувала 10-минутна неуспешна реанимација, бил побаран и транспорт до Детска клиника во Скопје. Лекарите се обидувале да го вратат новороденчето во живот, но не успеале. Телото е предадено на обдукција.

Наташа Јанчиќ Менковски