Македонија

Договорот со „Бехтел и Енка“ за коридорите нема да биде објавен, класифициран е како бизнис-тајна

12.04.2023 14:57

Законските измени во собраниска процедура ќе овозможат помалку пари за проектот и скратено време за изградба, наместо пет, за четири години и седум месеци-вели вицепремиерот Артан Груби. Министерката Тренчевска вели, не станува збор за зголемување на работното време туку за прекувремена работа, исклучиво само со согласност на работникот. Договорот за коридорите е од стратешки интерес и нема причина да не се објави, освен ако тоа не е предвидено со клаузула, став на вицепремиерката Грковска…

Ниту пратениците, ниту јавноста ќе немаат увид во договорот кој Владата го потпиша со конзорциумот „Бехтел и Енка“. Документите се тајни бидејќи има информации за начинот на кој работи изведувачот, рече првиот вицепремиер Артан Груби на брифинг со новинарите. Посочи дека договорот за изградба на коридорите 8 и 10-Д е доставен само во Јавното обвинителство, кое го истражува случајот.

Груби тврди дека гласањето за измените на осумте закони е општествена одговорност и со нив ќе се овозможи побрза и поевтина изградба на автопатиштата. Не откри дали за проектот ќе се потрошат повеќе од планираните 1,3 милијарди евра и дали државата ќе има дополнителни трошоци доколку законите не бидат изгласани. Вицепремерката Грковска, пак, не гледа причини договорот да не биде објавен.

Доколку не може да се обезбедат работници од дома, ќе се ангажираат сезонски градежници од странство. Тие ќе потпишат писмена согласност дека ќе работат 60 часа неделно за што ќе бидат дополнително платени, рече првиот вицепремиер. Според министерката Тренчевска, не станува збор за зголемување на работното време, туку за прекувремена работа. Вели, тоа не е неуставно и нема ништо незаконско.

Почетокот на градбата на коридорите ќе почне на 22-ри април. Прва ќе се гради делницата Тетово-Гостивар, а на 12-ти мај почеток и на градежни работи ќе има и на автопатот Прилеп-Битола. „Бехтел и Енка“ ќе го проектираат и ќе ги градат, а на сите четири делници ќе се работи паралелно.

Планот е годишно да се градат 23 километри патишта, а досега во државава во просек биле градени околу пет километри. По реакции од јавноста и препораките од УНЕСКО променета е трасата на делницата Струга-Требениште-Ќафасан.

Нема точни проценки колку ќе чини експропријацијата на имотите долж коридорите. 55 проценти од земјиштето е на државата, додека останатото е приватно.

Викторија Милевска