здравство

Лекот „Трикафта“ и за пациентите со умерена белодробна болест

12.04.2023 15:07

Кога ќе стигне лекот за цистична фиброза „Трикафта“ ќе го добијат и пациентите со умерена белодробна болест – појасни директорката на клиниката за детски болести. Предност ќе имаат пациентите со полоша белодробна функција. Терапијата во земјава почна да им се дава на осуммина пациентите пред еден месец, а од вчера на уште четворица. Но кога лекот ќе го има и за сите болни не се знае…

Освен за 12 пациенти со цистична фиброза, другите останаа без лекот „Трикафта“. Никој не знае кога ќе биде набавена терапијата, бидејќи преговорите со производителот не се започнати. Но, кога лекот „Трикафта“ ќе стигне до пациентите со цистична фиброза,  ќе го добијат и пациентите со умерена белодробна болест – појасни директорката на клиниката за детски болести. Предност ќе имаат пациентите со полоша белодробна функција.

„Околу 80 пациенти се подобни за таа терапија, меѓутоа не можат сите да почнат, предност им дадовме на пациентите со потешка болест и тие сите имаат белодробна функција околу 40 проценти од препорачаната функција за возраста. Кај тие пациенти кои се поживотозасегнати почнавме терапија“, изјави д-р Стојка Фуштиќ, директор на Клиниката за детски болести.

Терапијата во земјава почна да се дава пред еден месец кај осум пациенти, а од неделава и кај уште четворица.

Од Асоцијацијата за цистична фиброза се незадоволни од динамиката за набавка на лекот и доколку надлежните не преземат ништо најавија протест после празниците. Досега не добиле известување дали има пари за набавка на лекот за сите болни.

 

Андријана Ѓурческа