Северна Ирска

Бајден и Сунак на средба во Белфаст

12.04.2023 16:36

Американскиот претседател Бајден во Белфаст на средба со британскиот премиер Сунак и северноирските политички лидери. Повод за посетата е 25-годишнината од мировниот договор со којшто се стави крај на крвопролевањето...

Американскиот претседател е во историска четиридневна посета на Северна и Република Ирска. Од центарот на Белфаст вети трајна поддршка и ги повика сите партии да се вратат на работа и да го надминат политичкиот ќорсокак. Бајден истакна дека американските инвестиции можат да помогнат во поттикнување на економскиот раст – особено ако политичарите го решат ќор-сокакот по Брегзит што ја стави нивната влада на пауза.

„Едноставната вистина е дека мирот и економските можности одат заедно. За 25 години од Договорот од Велики петок, бруто-домашниот производ на Северна Ирска буквално двојно се зголеми. И ви предвидувам ако работите продолжат да се движат во вистинската насока ќе се зголеми повеќе од тројно“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

Посетата на американскиот претседател се совпаѓа со 25 годишнината од договорот со кој со посредство на САД беше запрено крвопролевањето меѓу завојуваните страни. Според Бајден, поддршката на народот на Северна Ирска, заштитата на мирот е приоритет и за демократите и за републиканците, а тоа е невообичаено бидејќи постои голема поделеност меѓу партиите. Со британскиот премиер разговарано за инвестицискиот потенцијал и надворешната политика.

„Имавме многу добра дебата за економските инвестиции во Северна Ирска, но и низа прашања од надворешната политика, важноста на економската безбедност. И тоа доаѓа на позадината на состанокот што го имав со него минатиот месец во САД“, изјави Риши Сунак, премиер на Велика Британија.

Американскиот претседател, горд на своите ирски корени, за време на посетата на овој дел од Обединетото кралство ќе ги посети своите далечни роднини.

 

 

 

 

Маријана Димовска