Струга

Почна пролетното спалување на трската во струшко

13.04.2023 12:07

Почна спалувањето на трската во Калишко поле. Изминатава недела евидентирани се два пожари при што е уништена поголема површина на трска. Еколозите алармираат со години. Сè уште го нема најавениот видеонадзор и ренџерска служба за заштита...

Повторно опожарена голема површина на трска во струшко. Изминатава недела, евидентирани се два пожари на локалитетот Калишко поле, покрај крајбрежјето, каде интервенираше противпожарната единица.

Деградацијата се повторува секоја пролет, пред почетокот на туристичката сезона, од страна на несовесните граѓани, кои заради профит, изградба на плажи и узурпација го уништуваат природниот биодиверзитет на Охридското Езеро.

„Трската во континуитет се спалува, гледаме дека на површините се истура градежен шут. Она што најмногу ни пречи е тоа што не станува збор за приватно земјоделско земјиште, туку станува збор за државно земјиште“, вели Никола Кукунеш, граѓански активист.

Се уништуваат мрестилиштата на краповидните риби, а птиците исчезнуваат напуштајќи ги спалените гнезда. Еколозите алармираат, сè уште го нема најавениот видеонадзор и ренџерска служба за заштита.

„Иницијативите се однесуваа и за поставување на видеонадзор и за поставување на некаква ренџерска служба, којашто барем во периодот додека се случува палењето на трската ќе бидат присутни на терен. Од друга страна, беше поднесена и иницијатива за дислокација на градежниот шут“, додава Кукунеш.

Уништувањето на трската е една од забелешките на УНЕСКО. Еколозите ги повикуваат инспекциските служби да преземат итни мерки.

Соња Рилковска