На украинскиот фронт битки, САД со нови санкции за Русија
Од Црноморската безбедносна конференција, Киев апелираше до сите нации во регионот да развијат сеопфатна безбедносна мрежа. Украинското МНР повика на одлучен чекор на патот за членство на Украина во НАТО. На фронтот битките продолжуваат. Зеленски ја обнови молбата до ММФ и Светската банка да ги конфискува средствата на Руската централна банка и да ги искористат за да помогнат во обновата на Украина...

Украинското МНР повикува на одлучен чекор напред на патот кон членството на Украина во НАТО. Од Црноморската безбедносна конференција што се одржува во рамките на Меѓународната платформа за Крим во Букурешт, Романија, Киев ги повика сите нации во регионот да развијат сеопфатна безбедносна мрежа. Ако Русија го задржи Крим, ќе го искористи како поле за уште еден напад врз Украина пред да презеде целосна контрола над Црното Море, вели шефот на украинската дипломатија.
„Ќе ја ослободиме секоја педа од нашата територија и секој последен наш сограѓанин. И затоа денес повикуваме на демилитаризација на Црно Море за да можат мирољубивите земји кои го почитуваат законот повторно да го користат заедничкото море за трговија, патување и слободно живеење без страв од руски воени бродови“, изјави Дмитро Кулеба-Министер за надворешни работи на Украина.
Во меѓувреме САД воведоа санкции за десетици луѓе и субјекти кои ја поддржувале руската инвазија на Украина, вклучително и приватна воена компанија, кинеска компанија и субјекти поврзани со Росатом, руската државна нуклеарна компанија. Според украинскиот претседател, војната треба да се покаже како најскапа за Русија. Зеленски ја обнови молбата до ММФ и Светската банка да ги конфискува средствата на руската централна банка што се чуваат низ целиот свет и да ги искористат за да помогнат во обновата на Украина.
„Во однос на имотот на Русија, руските функционери, олигарсите кои стануваа богати додека нивната држава е терорист. Сите овие средства треба да се искористат за да се компензираат загубите на оние на кои Русија им донесе болка и страдање. Руските средства мора да не закрепнат по агресијата“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Продолжуваат најжестоките борби во Бахмут. Русите се обидуваат целосно да ја преземат контролата над градот. Руското Министерство за одбрана објави видеоснимка на која наводно се гледаат екипажите на противвоздушните ракетни системи кои продолжуваат да вршат борбени работи во зоната на специјалната воена операција. На речиси една недела откако се појавија во јавноста строго доверливи документи за војната во Украина и потенцијалната ранливост во воздушната одбрана на Киев, повеќе од извесно е дека плановите на Украина да ја интензивира борбата против Русија на пролет се осуетени.
Маријана Димовска
