Куманово

Куманово: Почна метежот, се враќаат печалбарите

13.04.2023 13:43

Зголемена фреквенција на возила, метеж пред маркети и продавници. Иселениците кои работат во западноевропските земји се враќаат во земјава за празниците. На граничниот премин „Табановце“ веќе изминативе две седмици регистрираат поголем метеж. Но, сепак застој нема. Екипата на македонската телевизија известува од најфреквентниот премин...

Печалбарите се враќаат дома за претстојните празници. Нивното присуство последниве денови го заживеа градот. Значајно е зголемена фреквенцијата на возилата, прометот во трговската мрежа. Бројката се очекува да биде поголема уште наредните денови. Од граничниот премин „Табановце“ информираат дека изминативе две седмици веќе е забележан поголем влез на домашните државјани. Од полноќ до 10 часот утринава на најпрометниот премин влегле 1.759 од кои 729 домашни.

Во моментов на граничниот премин „Табановце“ е мирно, без застој, функционираат сите ленти.

Граѓаните коишто влегуваа во земјава за Македонската телевизија раскажаа дека доаѓаат празниците да ги поминат со најблиските. Изразија задоволство што на преминот нема застој.

„Се упативме кон Охрид, празникот Велигден ќе ги поминеме тука, па ќе се вратиме за две седмици“, вели еден граѓанин.

„Доаѓаме од Италија, ќе го поминеме празникот Рамазан овде, добивме одмор од две недели и потоа ќе се вратиме повторно“, дополнува друг.

„Задоволен сум, нема метежи на границите, се е во најдобар ред, нема задржувања“, нагласува трет.

Од кумановската полиција повикуваат празниците да поминат во најдобар ред.

„Секој од нас посебно во овие претпразнични денови да се однесува одговорно во делот на сообраќајот, дали се возачите или пешаците бидејќи сите се учесници во сообраќајот“, истакна Ивана Младеновска, портпарол на СВР Куманово.

Печалбарите вообичаено во земјава остануваат една до две седмици по Велигден и Рамазан Бајрам, по што се враќаат во земјите каде што живеат и работат.

 

Елена Георгиевска