Песков: Црното Море никогаш нема да стане „море на НАТО“
Од Црноморската безбедносна конференција, Киев апелираше до сите нации во регионот да развијат сеопфатна безбедносна мрежа, а Црното Море да се претвори во „НАТО море“. Од Кремљ велат дека морето е заедничко за сите крајбрежни држави и треба да биде море на соработка, интеракција и безбедност. На фронтот битките продолжуваат…

Од Црноморската безбедносна конференција во Букурешт, Киев апелираше сите нации во регионот да развијат сеопфатна безбедносна мрежа. Шефот на украинската дипломатија повика Црното Море да се претвори во „НАТО море“, истовремено наведувајќи дека е неопходна негова демилитаризација.
„Ќе ја ослободиме секоја педа од нашата територија и секој последен наш сограѓанин. И затоа денес повикуваме на демилитаризација на Црно Море за да можат мирољубивите земји кои го почитуваат законот повторно да го користат заедничкото море за трговија, патување и слободно живеење без страв од руски воени бродови“, изјави Дмитро Кулеба, министер за надворешни работи на Украина.
„Русија ја прошири контролата врз северозападниот слив на Црното Море во непосредна близина на романските води и сојузничките територијални води. Всушност, поставувајќи ограничувања на економските активности, поставувајќи директни предизвици за поморскиот транспорт и попречување на слободата на навигација и зголемување на ризикот од погрешни пресметки‘, изјави Богдан Ауреску, министер за надворешни работи на Романија.
Црното Море никогаш нема да стане „море на НАТО“, велат од Кремљ.
„Самата изјава се заснова на две противречности, НАТО и демилитаризацијата се меѓусебно посебни концепти. Црното Море, никогаш нема да биде море на НАТО. Тоа е заедничко море за сите крајбрежни држави и треба да биде море на соработка, интеракција и безбедност“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Продолжуваат најжестоките борби во Бахмут. Русите се обидуваат целосно да ја преземат контролата над градот. Руското Министерство за одбрана објави видеоснимка на која наводно се гледаат екипажите на противвоздушните ракетни системи кои продолжуваат да вршат борбени работи во зоната на специјалната воена операција. Зеленски ја обнови молбата до ММФ и Светската банка, да ги конфискува средствата на Руската централна банка што се чуваат низ светот и да ги искористат за да помогнат во обновата на Украина.
„Сите овие средства треба да се искористат за да се компензираат загубите на оние на кои Русија им донесе болка и страдање“, порача украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Во меѓувреме, САД воведоа санкции за десетици луѓе и субјекти кои ја поддржувале руската инвазија на Украина, вклучително и субјекти поврзани со Росатом, руската државна нуклеарна компанија. На речиси една недела, откако се појавија во јавноста строго доверливи документи на Пентагон за војната во Украина и потенцијалната ранливост во воздушната одбрана на Киев, повеќе од извесно е дека плановите на Украина да ја интензивира борбата против Русија на пролет, се осуетени.
Маријана Димовска
