Судство

Одново почна судењето против Зеќири

13.04.2023 14:07

По неколку одложувања и смена на судечкиот совет во скопскиот Кривичен суд одново почна судењето на поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири. На стартот на рочиштето тој уште еднаш потврди дека не се чувствува виновен за делото кое му се става на товар, злоупотреба на службената положба.

По неколку одложувања и смена на судечкиот совет во скопскиот Кривичен суд одново почна судењето на поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зеќири. Тој уште еднаш потврди дека не се чувствува виновен, односно дека не ја злоупотребил службената положба.

Во доказна постапка се сослуша сведокот Петко Димитров како управител на компанијата за консултантски услуги којашто склучила договор со Владата за асистенција при приватизација на „Железници“. Рече дека како компанија немале увид во тоа дали поканата од Владата за соработка била согласно Законот за јавни набавки.

Вештакот Киро Костов од областа на економијата, пак, наведе дека од експертизата што ја направил било утврдено дека Владата ги склучила договорите надвор од постапката за јавни набавки.

По завршување на рочиштето, адвокатот на Зеќири заклучи – паричните средства кои се ставаат на товар на неговиот клиент не се во таа вредност што првично биле изнесени.

Обвинителството го товари Зеќири дека незаконски склучил тендери за консултантски услуги и го оштетил буџетот за 1,4 милиони евра. Договорите, според обвинителството се однесуваат за определување модел за реструктурирање на АД „Пошти“ и за поддршка на процесот за потенцијална приватизација на „Железници“.

Анита Димитријевска Велковска