Македонија

Договорот со „Бехтел и Енка“ е со степен на доверливост, тврди Ковачевски

13.04.2023 14:23

Договорните страни одредуваат што ќе биде објавено од договорот за изградба на коридорите. Документот не е државна тајна, има само степен на доверливост, изјави премиерот Ковачевски…

Дел од договорот со „Бехтел и Енка“ кој е од јавен интерес, сепак останува таен. Што ќе биде објавено, зависи од договорените страни, рече премиерот Ковачевски. Вели, документот содржи делови со информации за начинот на работа на компанијата, кои сакаат да останат деловна тајна. Уверува, државата нема да плаќа пенали, туку дополнителни трошоци што ќе му бидат исплатени на изведувачот доколку изградбата не се заврши во предвидениот рок. Ковачевски ги повика владите на САД и Турција да истражат дали има криминал во проектот.

Владата ќе треба да им плати на „Бехтел и Енка“ пенали во вредност од 53 милиони евра бидејќи нема да може да овозможи 60-часовна работна недела, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Според опозициската партија, Ковачевски и Груби потпишале договор со услови за чие исполнување немаат мандат.

Шефот на државата вели, прво ќе ги чека конечните верзии на пакетот закони за коридорите 8 и 10-Д, и по консултација со неговиот правен тим ќе одлучи дали ќе го потпише указот.

Викторија Милевска